Свеста за превентивна култура при безбедност и здравје при работа ни е на многу ниско ниво, заклучи претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски на денешната дебата „Потреба за законски измени или нов Закон за безбедност и здравје при работа“ што се одржува во Струга.

Според него, законското решение е добро, ама не е применливо.

– Сакаме да посочиме не само дека нешто нечини, туку конкретно да посочиме што е нефункционално и кои решенија би можело да бидат заменети да го направат законот подобар, истакна Петковски.

Состојбата во земјава, нагласи тој, воопшто не е розева и оти неделно гине по еден човек на работното место.

– Извештаите говорат дека еднаш недечно се случува незгода со смртен исход или просечно по околу 50 годишно. Во 2018 има 33 смртни случаи на работно место или 7,2 проценти зголемување во однос на 2017 година. Ова е според евиденција на МВР за несреќи со смртни последици на кои тие излегле, но далеку се различни од оние кои се под МТСП или Институтот по јавно здравје, вели претседателот на Македонското здружение за заштита при работа.

Забележа и дека фирмите не се запознаени со постапките за пријавување на повреда на лица, како пример ја посочи автобуската несреќа кај Ласкарци, во која имаше голем број повредени и загинати патници, кои се враќале од работа.

– Огромен број на фирми чии работници патуваа за Тетово и Гостивар во автобусот што се прврте не знаеја дека треба да ги пријават вработените дека се случила несреќа на работа. Со тоа го лишуваат вработениот дека воопшто се случила несреќа на работа и неможе да оствари семејна пензија и слично, рече Петковски.

Претставници на синидикати, работодавачи, инженери за заштита при работа и други стручни лица ги разгледуваат недостатоците на Законот за безбедност и здравје при работа, донесен во 2007 година, а претрпел одредени измени во изминатиот период. Заклучоците од дебатата, како што истакна Петковски, ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика.