Жените се природно родени лидери и треба да заземаат лидерски позиции, а спортот и играта се одлични алатки за зголемување на потенцијалот на жените, заклучија претставниците на национални спортски федерации, клубови и вработени во секторот спорт при локалните самоуправи од државата, кои вчера и денес присуствуваа на семинарот „Родови перспективи- унапредување на родова еднаквост во спортот” во Маврово.
Семинарот кој беше во организација на Здружението за унапредување на родова еднаквост во спортот ТАКТ, а дел од проектот „Жени лидерки и унапредување на родова еднаквост во спортот” е поддржан од амбасадата на Холандија во Република Македонија.
– Кога говориме за зајакнати жени, бенефитите се повеќекратни за средината и целосно,за општеството, рефлектирајќи се на различни сегменти од животот. Вреди да се инвестира во јакнење на девојките, тие се една половина од светската популација, истакна Ивон Хенри од „Woman Winn”, Меѓународна организација со широк делокруг на работење на сите континенти, дејствувајќи на полето на родова еднаквост.
Според неа, девојките преку спортот добиваат многу вештини: дисциплина, посветеност во реализација на целите, упорност, истрајност, добри страни на секоја личност кои можат да се применуваат во текот на целиот живот.
Претседателката на ТАКТ Силвија Митевска, смета дека спортот е влезна порта за здравјето, добрите навики и лидерство кај жените, кои низ животот можат да ги водат до самореализација и реализација на поголеми проекти.
Митевска вели дека се потребни повеќе настани од ваков вид, семинари, работилници, обуки каде целна група се вработени во национални спортски федерации, клубови, … за да се обучат раководните кадри како да ги применуваат родово- сензитивните политики и да се зголеми застапеноста на жените во спортот на сите нивоа.
– Ни требаат што повеќе жени на лидерски позиции со цел да се мобилизираат што поголем број девојки кои ќе учествуваат во рекреативен и професионален спорт, а ТАКТ како организација е посветена токму на оваа цел, дополни Митевска.