Доверливиот избирачки материјал за претседателските избори пристигна во Општинската изборна комисија во Крива Паланка. Распределбата по избирачки места е направена и се е подготвено за преземање на материјалот од страна на избирачките одбори утре изутрина.

Претседателот на ОИК-Крива Паланка, Душко Арсовски, информира дека утре во општината ќе се изврши гласањето за изнемоштени и болни лица, како и за лицата кои служат казна затвор во Казнено поправната установа во Крива Паланка.

– Поднесени беа вкупно 200 барања за остварување на правото на глас во домашни услови за изнемоштени и болни лица, од кои 20 се отфрлени, а своето избирачко право утре ќе го остварат 180 болни лица од општината. На избирачко место 0942 каде припаѓа КПУ Крива Паланка, гласањето ќе се одвива од 7 до 19 часот, изјави Арсовски, додавајќи дека направена е проверка на избирачките места од страна на ОИК.

-Нема никакви проблеми, гласањето може да се одвива непречено на сите 47 избирачки места. Утре почнувајќи од 05:30 часот ќе почне преземањето на изборниот материјал од страна на избирачките одбори и очекуваме добар и беспрекорен изборен процес, додаде Арсовски.