Тројцата претседателски кандидати Блерим Река, поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кандидат поддржан од СДСМ, вечерва на ТВ21 се соочија на завршна телевизиска дебата пред првиот круг од претседателските избори.

Силјановска од своја страна рече дека оваа кампања ќе ја запомни по билбордот поставен против неа.

– Ветив и се држам до тоа дека нема да настапувам ад хоминем. Оваа кампања ќе ја запомнам засекогаш по нешто, по еден билборд што не само што е синоним за валкана кампања, туку за сталинистичка, досега не сум видела билборд на кој му се обраќате на противкандидатот. Дури и во првичниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои во извештајот за напади врз мене. На напади беше изложено и моето семејство директно од новинари, го следеа нивното движење, што е спротивно на Европската конвенција за човекови права, рече таа.

Пендаровски на тоа одговори да им служи на чест на тие што правеа валкана кампања . Тој рече дека ги почитува двајцата и како професори и како интелектуалци.

– Немаше никакви валканици од нив кон мене, еве сме на последен ден од изборната кампања. Овој витешки однос ќе остане меѓу нас и подоцна и кога нема да се занимаваме со политика, рече Пендаровски.

На прашањето како би постапиле со законите кои сегашниот претседател Ѓорге Иванов не ги потпиша, Силјановска рече дека кога ќе се најде на таа функција, тогаш ќе ги преиспита.

– Немам намера да го бранам Иванов. Но, не можам да не укажам за следново – одговорен Парламент кога претседател кога ќе стави вето, оди забелешка по забелешка и дава одговори, а не гласа веднаш. Јас ќе ги преиспитам законите, и ако се уставни ќе ги потпишам. Кога ќе се најдам на функција сакам тогаш да видам дали ќе имам забелешки. Кога ќе дојдам на функција, тогаш ќе ви кажам. Јас сум легалист, рече Силјановска.

За Пендаровски непотпишувањето на законите изгласани со двотретинско мнозинство во Парламентот од страна на Иванов е скандалозно.

Тој запраша што ќе остане од владеењето на правото, ако претседател не ги почитува законите и Уставот. Според него, Иванов се повикал на апсолутно вето, и оти нема право на непотпишување ако по вторпат е даден во процедура донесен закон за потпишување.

Тројцата кандидати во дебатата останаа на исто мислење дека Иванов нема право да потпише укази за помилување, без да има таква иницијатива од Министерството за правда.

– Без да се иницира постапка од Министерството за правда, претседателот не може ниту да започне, ниту да заврши постапка за помилување и во тоа ја гледаме злоупотребата кога се помилуваа 56 луѓе со што се предизвика голем народен бунт, рече Пендаровски, додавајќи дека не треба да се помисли претседателот да дава такви помилувања.

Силјановска смета дека Иванов не е во состојба да помилува.

– Претседателот може да помилува само во согласност со Закон. Во моментов тоа е не можно затоа што сме во изборна камапања и целата постапка мора да оди само преку Министерството за правда, рече Силјановска.

Претседателските кандидати претходно се соочија нa четири телевизиски дебати.