Во општините Струмица, Радовиш, Босилово, Василево, Конче и Ново Село сите избирачки места се отворени во 7 часот и засега гласањето тече без никакви проблеми. И гласањето за претседателските, и за предвремените избори за градоначалник во општина Ново Село, поминува во најдобар ред.
Во шесте општини од регионот има запишано 109.670 граѓани со право на глас, кои ќе гласаат на вкупно 192 избирачки места.
Во општина Ново Село за претседателските избори се запишани 11.301 гласачи, а за предвремените избори за градоначалник 11.364. Разликата во бројот на запишаните избирачи во избирачкиот список во Општинската изборна комисија ја објаснуваат со тоа што на изборите за градоначалник не гласаат граѓаните пријавени за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, кои имаа право да гласаат вчера само за избор на претседател.