Гласањето за претседателските избори во четирите општини од источниот дел, Делчево, Берово, Македонска Каменица и Пехчево, како што информираат претседателите на општинските изборни комисии, започна навреме и се одвива во мирна и демократска атмосфера. Во овие четири општини вкупно гласаат 36.292 гласачи.

– Во Делчево право на глас имаат 14.673 граѓани кои ќе гласаат на 36 избирачки места. Гласачките места се отворени навреме и се гласа во демократска и мирна атмосфера, вели Владимир Петровски, претседател на ОИК Делчево.

Во Берово, како што информира претседателот на Општинската изборна комисија Мишо Догазански, гласањето почнало навреме и без никакви проблеми.

– Право да гласаат на претседателските избори во Берово имаат вкупно 10.879 лица, кои се распоредени на вкупно 16 избирачки места. Изборните места се отворени навреме и проблеми при гласањето кое веќе започна, не се забележани. Првична бројка за процент на излезност ќе соопштиме околу 10 часот, истакна Догазански.

Гласањето започна навреме и без проблеми и во општините Македонска Каменица и Пехчево. Во Македонска Каменица се гласа на 17 избирачки места, а право на глас, како што информира Сања Митревска претседател на ОИК, имаат 6.619. Во Пехчево најмал број граѓани имаат право на глас од споменатите општини. Таму според информациите на претседателот на ОИК, Горан Котевски, право на глас на Претседатеслките избори имаат 4.121 лице. И таму изборниот процес започнал навреме и без никакви проблеми.