– Резултатот на денешните избори ги надмина нашите очекувања. Според првичните резултати од обработени 55 отсто од гласовите добив над 50 илјади гласови, а до крајот очекувам да ја достигнам бројката од над 80 илјади гласови, порача претседателскиот кандидат Блерим Река во обраќањето по завршувањето на изборниот процес.
-Во сите општини со доминантно албанско гласање победив со размер од 3:1, а освоив гласови и во сите општини каде има македонско мнозинство. Нема општина со македонско мнозинство гласачи каде што не добив гласови. Овие 80 илјади гласови ја делегитимираат политиката на албанските партии кои се во власта и покажаа со кого и за кого е народот. Тоа најавува политичка пролет во Македонија која ќе се цементира во идните предвремени парламентарни избори, потенцира Река.
Изборите ги оцени како фер, слободни и демократски, а нагласи дека нема доволна излезеност поради неажурираниот избирачки список кој брои околу, 1,8 милиони гласачи иако, како што кажа, од земјава се иселени повеќе од 250.000 лица и реалниот број на гласачи е околу 1,5 милиони.
-Се плашам дека на идните било парламентарни или претседателски избори ќе имаме се помалку гласови зошто ќе имаме се помалку граѓани. Денешниот ден покажа дека освен заробена држава се соочивме и со заробен електорат од партијата која според наши извори ги повикуваше да не излезат на избори, рече Река.
Најави дека ниту тој, ниту двете партии кои стојат зад него нема да тргуваат со гласовите на гласачите што гласале за него како што ветиле на почетокот на изборната кампања.
-Тие се нивни гласови и нивна политичка ориентација, а ние не сме трговци со гласови, рече Река
Прашан дали по завршувањето на претседателските избори ќе се вклучи во политиката, Река рече дека ќе го чека конечниот резултат и ако добие повеќе гласови од албанската партија која е на власт веќе 18 години ќе размисли дали ќе влезе во политиката.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во одговор на прашање дали ќе побараат предвремени парламентарни избори по завршувањето на претседателските, рече дека тие како опозициска партија побарале предвремените парламентарни избори да се одржат заедно со претседателските, но тоа не го дозволил коалицискиот партнер од албанскиот блок на премиерот Заев.
-Денеска се соочија со поддршката што ДУИ ја има кај Албанците, а таа е безвредна. Не тежат повеќе од 20 до 30 илјади гласови, а нема да поминат 40 илјади гласови. Од друга страна премиерот треба да се држи до неговиот збор, рече дека ако изгуби само со само еден глас ќе прогласи предвремени парламентарни избори. Затоа ќе почекаме да се пребројат гласовите и ќе го држиме за збор, рече Села.