Претставници на граѓанската организација „Креаторс“, од Израел и УНДП, во Велес, Гостивар и Струмица ќе развијат процес, преку кој општините ќе се подготват да мапираат и овозможат е-услуги, преку креаирање на систем, стратегија, тим и метод за „дигитална проектна имплементација”.Тие денеска одржаа работилници во Општина Велес.

Директорката на „Креаторс“ , Моника Розалска на работилницата претстави дел од проектот „Унапредување на општинското владеење“, кој предвидува воведување на нови иновативни начини за унапредување на јавните услуги на локално ниво.

– Велес е еден од ретките градови кој може да послужи како позитивен пример, не само во државата, туку и во Европа, град кој го следи технолошкиот развој во земјите на Европската Унија и светот и се стреми кон повисоки цели и стандарди. Воедно пронаоѓа паметни решенија за предизвиците со кои секојдневно се соочуваа неговите граѓани, потенцираше Розалска.

Таа информираше дека компанијата која ќе го развие целиот процес и методот на „креативно мислење“, веќе успешно го има имплементирано на локално ниво во повеќе од педесет општини во Израел, Полска, Германија,Тајланд…

На присутните на работилницата им беа презентирани повеќе примери, како и предизвици со кои ќе се соочуваат со неодамна усвоената Стратегија за развој „Велес – паметен град 2019-2030“.