Гордана Силјановска Давкова во интервју за Телевизија Сител по изборниот ден истакна дека очекува во вториот круг да се постигне цензунсот на излезност и посочи дека има намера да разговара со приврзаниците на Бојкотирам да излезат на гласање и да и дадат поддршка во вториот круг од претседателските избори кој е закажан за мај.
-Јас мислам дека ќе има цензус, иако се разбира дека дел од граѓаните не сакаат ни да помислат да излезат на гласање поради името, тоа се оние од бојкотирам, а кон нив се приклучи и дијаспората. Но, јас имам намера отворено да разговарам со приврзаниците на бојкотирам, да им објаснам дека нема цел неколкукратното бојкотирање, дека проблемот со името на легален начин се решава внатре во институциите и ќе ги повикам да гласаат на изборите, вели Силјановска Давкова.
Таа ги повика и сите револтирани и разочарани граѓани од владата на СДСМ и Заев да ја поддржат бидејќи, како што рече, позади неа нема никаков политички багаж и смета дека може да биде новина во политичкиот живот.
-Ќе ги повикам и повторно и разочараните од СДСМ, оние од шарената револуција кои можеби не се за ВМРО-ДПМНЕ ама ова се претседателски избори, јас сум Гордана Силјановска Давкова и немам зад себе никаков политички багаж и мислам дека можам да бидам новина во политичкиот живот, рече таа.
Според неа, министрите ја ставиле власта во служба на партијата.
-Технологијата на владеењето на оваа власт особено јасно манифесирана за време на референдумот исто така исплаши дел од граѓаните и тие не излегоа на избори зошто јасно ни е нас како се однесуваат со државната и јавната администрација. Само да дадам еден пример непознат феномен е за време на кампања за претседателски избори да учествуваат министерка за одбрана, министер за внатрешни работи, па и премиер, така тие ја прегазија линијата помеѓу државата и партијата или партијата ја направија држава, или на крајот тоа би значело држава тоа сум јас кога е премиерот во прашање, вели Силјановска Давкова.
Таа и за време на кампањата во првиот круг од претседателските избори пред граѓаните изјавуваше дека премиерот и министрите имаат јавни функции и дека не треба да присуствуваат на собири, бидејќи според Изборниот законик тоа е недозволиво.