Над 1.000 велигденско обоени јајца, цртежи со велигденска содржина и различни велигденски креации денеска беа составен дел од традиционалната „Велигденска изложба на јајца“, чија организација и годинава ѝ припадна на Општина Делчево, која настанот го организира во соработка со воспитно-образовните установи.

Перса Стојановска, секретар во здружението „Копачка“, е еден од основачите на оваа манифестација, која со тек на годините, како што вели, ја оправдала својата цел.

– Уште во 2008 година, јас лично бев иницијаторот да се прави таа „Велигденска изложба“, која уште тогаш беше замислена да се прави во соработка со воспитно-образовни установи и да биде продажна со хуманитарен карактер. Потоа им беше преотстапена на Општина Делчево и институцииите од областа на културата. Мило ми е што оваа традиција ја оправда својата цел и продолжува понатаму да се одржува, истакна Стојановска.

Традиционалната „Велигденска изложба“ и годинава има хуман карактер, а како што истакна Даниела Такева од Општина Делчево, собраните средства од изложбата ќе бидат донирани за семејство со новороденче кое живее во социјален ризик.

– Комисијата, која и оваа година имаше тешка задача, одлучи првата награда во износ од 3.000 денари да ја добие детската градинка „Весели цветови“, втората во висина од 2.000 денари ја додели за ООУ „Св. Климент Охридски“, додека третата во износ од 1.000 денари ја доби ООУ „Ванчо Прке“, рече Такева.

Сите учесниците од страна на организаторот добија благодарници за учество на „Велигденската изложба 2019“. вс/цр/