Отворањето на граничниот премин Клепало за Беровци ќе значи многу, особено за туризмот.

– Без овој пат Берово остана како слепо црево. Кога ќе се пушти патот сметам дека ќе имаме поголем прилив на луѓе од Бугарија. Од друга страна, преку овој граничен премин ќе биде поблиску патот до Грција и Турција. Ако бргу се пушти ќе биде благодет за Берово, вели беровчанецот Владо Димовски (71).

Во моментот, како што соопшти Билјана Каламадевска од Општина Берово, во тек е целосна реконструкција и рехабилитација на патната мрежа до Клепало, што дава надеж дека многу скоро ќе биде отворен овој граничен премин, кој се очекува да ја забрза локалната економија од двете страни на границата.

– Инвестицијата за рехабилитација на патната мрежа е во вредност од околу 89 милиони денари и ќе значи многу за Берово. Прво ќе значи подобра комуникација на луѓето од двете страни на границата, понатаму поблиску ќе има локација за транспорт на стоки, на превоз, самите држави ќе бидат поблиску, ќе значи и за туризмот како и за нови вработувања, смета Каламадевска.

Реконструкцијата на патната мрежа е предвидена да трае до месец јули, додека според општинските власти, целосното профункционирање на граничниот премин Клепало се очекува кон средината на 2020 година.