„Заедно сме побезбедни“ е насловено мото дефилето кое се одржа денеска во Куманово и Липково, на кое учествуваа стотина мотоциклисти во организација на СВР Куманово и Мото клубот „Мечки“.
Мотоциклистите возеа по градските улици во Куманово се до браната до Липково, укажувајќи на значењето од носењето опрема и почитувањето на сообраќајните правила и прописи. Поискусните мотоциклисти ги повикаа младите колеги да ја носат заштитната опрема.
-Годинава имаме рекорден број учесници, а дефилето го проширивме и во Липково. Одржавме предавање за средношколците во „Исмет Јашари“. Целта е да укажеме на правилата и прописите за безбедно учество на сите во сообраќајот, изјави Виолета Богдановска, од отсекот за превенција од СВР Куманово.
Акцијата за подигнување на свеста за безбедно учество во сообраќајот, веќе десет години ја спроведуваат СВР Куманово и Мото клубот „Мечки“.
-Сега имаме и млади мотоциклисти на кои преку вакви акции им укажуваме дека треба да носат заштитна опрема.Последиците од не носењето на опремата можат да бидат опасни, изјави Јовица Гиновски од Мото клубот Мечки.
Полицијата и мотоциклистите упатија порака на меѓусебно почитување на сите учесници во сообраќајот и следење на правилата и прописите.