Граѓанската иницијатива „На Мегдан” денеска ги достави поканите до двата штаба на претседателските кандидати за директна средба и соочување со членовите на иницијативата. Како што посочи Ирена Стеријовска од Шарена револуција, целта на иницијативата е да се создаде директна комуникација помеѓу граѓаните кои ги делат идеалите на Шарена револуција и кандидатите кои повикуваат на поддршка од овие граѓани, и таа во никој случај нема за задача да фаворизира еден или друг кандидат.
– Од штабот на ВМРО-ДПМНЕ ни кажаа дека ќе одговорат до утре, господинот Стево Пендаровски прифати неформално, се надевам дека формално до утре ќе ја потврди спремноста за учество во оваа иницијатива. Идејата е да биде неформално видување, не видување на телевизиската дебата, туку на наш терен, на јавен простор, каде ќе може сите медиуми да дојдат да го проследат излагањето на кандидатите, појасни Стеријовска.
Таа ја поздрави декларативната отвореност на кандидатите со повиците за поддршка, но како што рече, иницијативата не може да даде бланко поддршка на еден од кандидатите без притоа да ги адресира некои прашања што ги засегаат луѓето кои се сметаат себе си дека ги носат принципите на Шарената револуција.
– Конкретно моето прашање за Стево Пендаровски би било како таксативно да ги наброи слабостите на функционирање на оваа Влада и притоа да каже како своето влијание, тој како претседател ќе го искористи за да ги минимизира девијантните појави што се случуваат, а Гордана Сиљановска би сакала да ја прашам зошто мисли дека би требало да ја добие поддршката од Шарената револуција кога се нема оградено од ставот на лидерот кој ја поддржува, дека процесот и пресудата за Никола Груевски, претходниот премиер, е политички прогон. Сметаме дека оваа иницијатива е платформа што ќе создаде здраво ткиво на информации за секој граѓанин да може да пресуди според нивните одговори, кој ја заслужува поддршката, рече Стеријовска.
Јасмина Голубовска, поддржувач на иницијативата рече дека остануваат отворени прашањата на социјална сигурност, на правда, на здравство и сите оние што ги загрижуваат граѓаните.
– Имајќи го тоа предвид како и пртходни идеали за кои се залагаше Шарената револуција кои до ден денес не се остварени онака како што ги замислувавме, претседателските кандидати ќе имаат можност да размислат што ќе кажат и што ќе ветат, зашто сметаме дека како и претходна власт така и оваа, ќе бидат држани за зборот што ќе го дадат пред граѓаните, а тоа е најбитната заложба, додаде Голубовска.