Пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија продолжуваат да се зацврстуваат со реализација на проекти од заеднички интерес. Ќе се реконструира заедничкото основно и средно училиште во Пустец, каде наставата се изведува на македонски и на албански јазик.

Како што соопшти владината прес-служба, одлуката за реконструкција на училиштето е најновиот резултат од пријателските односи меѓу двете држави. Одлуката е дел од заклучоците на заедничката седница на владите на двете земји во Поградец минатата година.

Оваа одлука, како што се наведува, е резултат на претходната активност на премиерот Зоран Заев и министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми во рамки на иницијативата на Владата на Албанија за реконструкција на 33 основни и средни училишта во Албанија. Во оваа иницијатива вклучено е и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, каде наставата се изведува на македонски и на албански јазик.

– Реновирањето на училиштето во Пустец веќе подолг период беше барање на македонската заедница која живее во Пустец, а нејзиното реализирање уште еднаш ги потврдува одличните односи помеѓу двете држави, и потврдува дека Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија се мост за градење блиски односи, се вели во соопштението од Владата.