Кандидатот за градоначалник на Охрид на СДСМ Константин Георгиески денеска се осврна, според него, на невистините што беа објавени од „Белата палата“ во Скопје, оценувајќи ги како „добро позната стратегија на врхушката да се користи со лаги, дисквалификации, пизма“.

– Охриѓани одлучија сами да решаваат за својата иднина и судбина, а не да ја оставаат во рацете на теледиригирани проектили и читачи на соопштенија напишани во „Белата палата“ во Скопје. Резултатите на локалните избори во Охрид покажаа дека ова не поминува, рече Георгиески притоа повикувајќи го противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ да се презентира вистината.

Притоа, како што рече, раздолжувањето на општината не било по заслуга на општината и не било со општински пари туку со пари од народот, што според него се две безобзирни лаги и една недоречена вистина.

– Јасно е дека мојот противкандидат до сега покажа дека не владее со бројки и нема апсолутно никакви познавања за финансиското работење на општината. Но, на охридската јавност веќе и се добро познати информациите и бројките за раздолжување кои многу пати до сега јас лично ги соопштив во интерес на транспарентноста на целиот тој процес. Да, точно е дека тоа се народни пари…И овие со кои се раздолжуваме и оние со кои се правени бели палати. Не се народни само парите од душманските кредити за стиропорно Скопје со кои на сите нам и на нашите деца ни врзавте камен околу врат, рече тој повикувајќи го противкандидатот да одговори зошто ДПМНЕ не го раздолжила градот.

Како второ прашање тој се осврна на асфалтирањето на улиците низ Охрид, притоа нагласувајќи дека работите кои се изведуваат се во согласност со планот и динамиката за работа и како такви не се спротивни на Изборниот законик.

Што се однесува на забелешките за урбанистички хаос во Охрид, Георгиески рече дека тој е наследен и тоа како последица на режимското владеење на ДПМНЕ.

– Јас како в.д. градоначалник во континуитет носам законски решенија и одлуки со кои во рамки на своите ингеренции ја намалувам штетата од долгогодишните штетни политики на ДПМНЕ диригирани од корумпираното криминално здружение, рече Георгиески притоа потсетувајќи на одлуките на локалната самоуправа за поништувања на решенијата за градењето на хотелот во Лагадин, за отстранување на градбата кај Чинарот, за кои постојат документирани материјали.

Георгиески уште во изјавата пред медиумите го повика противкандидатот да одговори пред охриѓани дали тој лично градел на диво и бил или е сопственик на диваградба, како и повик до институциите да преземат мерки против авторите и споделувачите на текстови што предизвикуваат национална и верска нетрпеливост.