Националната параглајдинг репрезентација оствари одлични резултати на Светски куп во параглајдинг- прецизно слетување што се одржа во Аланија, Турција.
На настанот што се одржа на елитната плажа „Клеопатра“ учествуваа 93 пилоти од 20 држави.
– По успехот во Албанија и Грција параглајдинг репрезентацијата блесна во Турција. Екипно освоивме петто место во состав: Борјан Јованоски, Кристијан Темелкоски, Златко Спиркоски, Адам Спиркоски, Кристиан Стамков, Бојан Уфцески. Во поединечна конкуренција најдобар пласман оствари Борјан Јованоски со шесто место од 93 натпреварувачи. Националната репрезентација помина 1560 километри или 19 часа возење со комбе за да ја претставува државата на светскиот куп во параглајдинг. Ова е само доказ за посветеноста и ентузијазмот на спортистите на Воздухопловната федерација на Република Северна Македонија, изјави Билјана Еверетте, генерален секретар на Воздухопловна федерација.
Најави дека во тек се подготовките за учество на 16-то Светско првенство во параглајдинг – категорија крос кантри кое ќе се одржува од четврти до 18 август во Крушево и Светско првенство во параглајдинг, категорија прецизно слетување во Србија во септември.