Силјановска Давкова е изборот за претседател кој преку оваа институција ќе може да го држи отворено прашањето за кое народот на референдум кажа дека не треба да помине, ама на криминален начин се спроведе спротивно на волјата на луѓето, смета професорот и член на президиумот на „Левица“, Димитар Апасиев. Во вечерашното Отворено на Алфа, тој порача дека бојкотот на вториот круг на претседателските избори на 5 мај е контрапродуктивен, и не може да се поистоветува со ситуацијата за референдумот.
-Негласањето води до две сценарија, намалување или целосно бришење на цензусот и избор на новиот шеф во Собранието. Ако власта имаше слух на пораките од народот, предвремени парламентарни избори досега ќе имаше по неуспешниот референдум. Залудно е бојкотирачите сега да се надеваат дека во случај на неуспех, Заев ќе распише предвремени избори, вели Апасиев.
Според него, бојкотот отвора можности за полнење на кутиите, односно нефер атмосфера, затоа треба граѓаните да се свесни и одговорно да се изборат за институцијата претседател. За Апасиев предвремените парламентарни избори се нереалност.
-Јас лично сметам дека ние треба да сме претседателски систем, наместо парламентарен, оти така ќе се стави во рамка злоупотребата на моќта од извршната власт во парламентарниот систем каков што сме. Во историја на Македонија не се случило вакво фијаско на владејачка гарнитура за две години да изгубат толку многу гласачи. Затоа нема да има нови избори, па ќе глумат демократија. Бојкотот и одговара на власта затоа што им отвора простор за фалсификати, вели Апасиев.
Дали поддршката на Силјановска Давкова, во која опозицијата препозна кандидат за претседател според нивните политики, значи дека Левица во иднина на парламентарните избори би застанале зад политиките на ВМРО ДПМНЕ, Апасиев со претпазлива нота.
- Тоа е хипотетичка ситуација. Левица има забрана по статутот да прави предизборни коалиции, а за постизборни ќе видиме. Нашата цел е Левица да стане парламентарна партија, која можеби и ќе дејствува самостојно. Времето же покаже, нагласува Апасиев.
Во однос на обвинувањата дека постои договор со професорката Сиљановска Давкова тој да биде дел од претседателскиот кабинетот доколку таа биде избрана за претседател на државата, Апасиев вели дека доколку досега се шиткал за фотеља досега би бил пратеник или министер.
Апасиев најави ребрендирање на Левица после внатрепартиските превирања, откако ја доби судската одлука дека е правен застапник на партијата тој, а не дека е фалсификатор –како што го обвинува довчерашниот сопартиец Здравко Савески.
-Обвинувањата за фалсификат Савески ќе мора да ги докаже пред суд, откако ќе поднесам тужба за клевета, рече Апасиев.