Православното население од Пијанец се подготвува за одбележување на празникот Источен петок Балаклија, ден кога голем број верници од Делчевско го посетуваат манастирскиот комплекс „Св. Богородица Балаклија“ каде во чест на мајката Божја се палат свеќи за здравје и се мијат од водата која според старите преданија има лековито својство.
– Манастирот „Св.Богородица Балаклија“ во Делчево најчесто е посетен на празникот по кој и го добил името, нашите парохјани доаѓаат овде да се замијат со водичката затоа што од изворот произлегува вистината што најдобро може да се согледа од црковните преданија кои велат дека во времето кога царот Лав шетал во шумите кај Цариград слушнал глас од Света Богородица која му рекла: -Лаве, барај и ќе најдеш извор кој ќе даде да прогледне старецот што ти бара вода. Тогаш прогледнал старецот и затоа овој петок се вика и Светол Петок, вели протоереј Алелсандар Васев.
Додава дека токму поради тоа, на тој ден и овдешните парохјани го посетуваат манастирот за да се замијат од водичката за здравје и спасение на нив и нивните семејства.
Оваа година за одбележување на празникот се организира и заеднички ручек со традиционалната манастирска манџа, а најавена е и културно-уметничка програма за посетителите. Настанот вообичаено започнува во 12 часот, а освен гости од Делчево и околината често доаѓаат посетители и од Македонска Каменица, Виница, Пехчево и Берово, како и од соседна Република Бугарија. вс/цр/