Денешниот неработен ден во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот го врати сјајот на Голак. Голем број граѓани можеа да се забележат на делчевската планинска убавица каде убавото време го искористија за пикник со најблиските.
За Зоран Трајановски вработен во АРМ, задоволство е Голак повторно да се види во неговото препознатливо руво.
– Иако во светот 1-ви мај се слави со протести против кршење на работничките права, во Македонија тој ден се користи за пикник. Ние овде сме друштво од десетина луѓе и како што е ред направивме скара, имаме пиво, дечињата имаат спортски терен, така што денешниот ден поминува во убава дружба. Мило ми е што Голак наликува на она што беше од пред 20 години кога овде беше преполно со луѓе, вели Трајановски.
Освен на Голак едно од најпосетуваните места во Делчевско е и локалитетот Езерце чиј сопственик Иван Соколов е задоволен од присуството на младите кои однапред ги резевираа летниковците кои се составен дел од ова излетничко место.
– Местото е секогаш примамливо за гости особено за време на неработни денови. Имаме прекрасна мини акумулација, за оние кои имаат желба да ловат риба и тоа им е овозможено. Сите летниковци се полни особено од млади луѓе и за нас е радост кога местото е исполнето, вели Соколов.
Посететители беа забележливи и на неколку други локалитети меѓу кои и манастирскиот комплекс „Св. Богородица Балаклија”.