Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски по барање на новинарите да го коментира инцидентот со поставувањето на знамето на Република Албанија на источната страна на Самуиловата тврдина во Охрид, денеска апелираше до сите граѓаните да не подлегнуваат на какви било провокации од овој тип затоа што, потенцира, најскапоцената работа што е постигната во последните две години минимум е повторното воспоставување баланс во меѓуетничките односи. Нагласи дека не ни треба никаква провокација на тој план било од кого да доаѓа.

Пендаровски настанот го коментираше и како легалист, но и од политички аспект.

– Јас во тоа препознавам обид за кревање на меѓуетничките тензии во еден град кој досега немал историјат на такви меѓуетнички препукувања и тоа се неколку дена пред вториот круг на изборите. Немам докази, но мене ми е симптоматично што неколку дена пред вториот круг на избори се случува баш ваков настан. Се надевам дека ако има некаква организација зад тоа од било кого, не мора од државата, можеби и недвор од нашата држава и од регион, би апелирал до тие луѓе да не го прават тоа бидејќи Македонија има заземено добар курс и во сферата на меѓуетничките односи, изјави Пендаровски. Додаде дека е затворен последниот правен дел од Рамковниот договор и земјава оди на вистинскиот пат кон Европа, која, подвлече, секогаш исклучително не проценува низ призмата на тоа какви се меѓуетничките односи дали се стабилни или не и во тоа досега имаме добиено највисоки оценки.

Според него, е прилично индикативно што настанот се случува на таков отворен начин.

– Не би сакал да верувам дека некои фактори, можеби надвор од нашата држава сакаат да се кренат меѓуетничките тензии, како што за жал имавме случаи години наназад кога имавме избори од каков било тип, кога на таа карта – кревање на меѓуетнички тензии, добиваат точно знаеме кои политички партии и оние кои го предводеа претходниот режим и искористуваа шанса да се претставуаа себе си за големи патриоти, а другите како предавници на сопствената татковина, рече Пендаровски.

Повтори дека за него е прилично симптоматично што неколку дена пред решавачкиот втор круг на претседателските избори се случи таков настан.

Како легалист, истакна, морате да почитувате процедури и санкции изречени од надлежни органи.

– Можеме да разговараме дали е превисока казната и во пари и околу забраната за влез на тоа лице од пет години. Можеме да се согласиме дека можеби е превисока. Но, во моментот тоа се законските граници од-до. Ако се превисоки, оние што одлучуваат, би требало тоа да го корегираат, изјави претседателскиот кандидат на СДСМ и колицијата Стево Пендаровски.