Манастирот под Марковите кули во Прилеп, „Свети Архангел Михаил“ и жителите на најстарата прилепска насеба Варош денеска го одбележуваат празникот Голем или Источен петок, прв по Велигден.

Илјадници посетители и верници, според традицијата, го посетија манастирот, велат за здравје, и понесоа со себе од, како што веруваат, лековитата вода што извира од под темелите на манастирот. Денот е токму посветен за посета на православните храмови каде има лековита вода, а еден од нив во земјата, со најдолга традиција е манастирот „Свети Архангел Михаил“.

Варошанката Слободанка Ангелеска за Велигден, по трет пат била во Ерусалим со благодатниот оган. Вели чувството е незаменливо, а посебно сакала да биде денеска во манастирот.

– Посетата за Велигден на светиот Ерусалим е прекрасно, незаменливо чувство на восхит, на радост и на тага. Ама, денеска сакав да бидам во манастирот „Свети Архангел Михаил“ над Варош. Имам проблем со нозете, ама сето ова не ми е преголем напор, туку голема желба. Јас сум варошанка и од дете паметам дека илјадници посетители на Голем или Источен петок доаѓаат и во манастирот и на гости на жителите на Варош.

Со денешната света литургија во манастирската црква чиноначалствуваше владиката Петар кој објаснува дека ова е денот на посета на храмовите со лековита вода, а еден од ретките е прилепскиот манастир.

– Овој празник е востановен некаде во петти или шести век, поради чудата што се направени на местото именувано Балаклија или Булукли крај Цариград. Во крајот на петти или почетокот на шести век се случило чудо. Имено, во тоа време царот Лав Велики, наречен Макел, во шумата нашол слеп човек кому сакал да му помогне. Откако човекот побарал вода, слушнал глас да влезе подлабоко во шумата и таму се смета, според верувањето и според житијата, дека станува збор за гласот на Мајката Божја која му рекла да нацрпи од матната вода и на болниот да му ги измие очите, а тој прогледал. Лав Велики потоа станал цар и поради настанот изградил храм кој подоцна е доградуван од царот Јустинијан. Во спомен на чудата кои се таму направени, кои и ден-денеска се случуваат и се чува источникот или лековитиот извор. Ова се случувало и на други места во православните цркви каде имало лековит изор. Така е и со манастирот „Свети Архангел Михаил“ под чии темели има стерна со лековита вода која и денес лекува. Затоа тој култ и до ден денес се одржал. Токму на овој ден се посетува манастирот. Порано имаше уште повеќе посетители, објаснува владиката Петар.

И жителите на најстарата прилепска населба Варош во која се верува дека имало 77 цркви има своја традиција. Да пречекува гости, знајни и незнајни токму на Голем или Источен петок. Портите на домовите се отворени за сите посетители.

Варошанецот Трајче Ѓорѓиески, дуќанџија во прилепската чаршија пречекува гости, ама со носталгија се сеќава на поранешните времиња.

Традицијата е востановена во средновието кога Варош бил познат со панаѓурите како најголем центар на Балканот.

– Портите се отворени, кој милува може да дојде на гости, да го почестиме. Ама во последните години се намалуваат посетителите. Не знам во што е работата. Паметам имаше големи прослави, со зурли и тапани и цел ден пречекувавме гости, објаснува Ѓорѓиески.

Празникот Голем петок на варошани им го честиташе прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласувајќи дека ова е голема традиција која се одржува.

– Им го честитам празникот Голем или Источен петок на Варошани, секако голем е празникот и за манастирот „Свети Архангел Михаил“ и посакувам здравје, среќа, бериќет и семејна хармонија, нагласи Јованоски кој го посети манастирот заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со пратениците и со бројни граѓани.