Во Општина Крива Паланка утре ќе гласаат 248 болни и изнемоштени лица, 68 повеќе од првиот круг од гласањето за претседател на државата, а во Ранковце ќе гласаат 53.
– Од сите поднесени барања за остварување на правото на глас во домашни услови за изнемоштени и болни лица одобрени се 248, 68 повеќе од првиот круг, кога своето избирачко право го остварија 180 болни и изнемоштени лица од општината, информира Душко Арсовски, претседател на ОИК, Крива Паланка.
Претседателот на Општинската изборна комисија во Ранковце, Даниел Крстевски, рече дека и во Ранковце ќе гласаат повеќе немоќни лица во вториот круг од гласањето. Своето право на глас утре ќе можат да го остварат 53 болни и изнемоштени лица од Ранковце.
Доверливиот избирачки материјал за претседателските избори е пристигнат во општинските изборни комисии во Крива Паланка и Ранковце, распределба по избирачки места е направена и се е подготвено за преземање на материјалот од страна на избирачките одбори во текот на утрешниот ден.
Во Крива Паланка утре ќе се гласа на избирачко место 0942 каде припаѓа Казнено-поправната установа. Гласањето на ова избирачко место утре ќе трае од седум до деветнаесет часот.