Кандидатите за претседател на државата Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова вечерва го имаа последното телевизиско соочување спроти одржувањето на вториот круг од изборите на кое ги спротивставија аргументите за повеќе прашања како реформите, судството, интеграцијата во ЕУ и НАТО. Двајцата изразија уверување во поголема излезеност и дека цензусот ќе биде постигнат во вториот круг.
Во повеќе од двочасовната дебата на Телевизија 24, која на моменти беше тензична, беа разменети и лични навреди. На прашање од публиката присутна во студиото во однос на евроинтеграциите, Сиљановска рече дека во моментов прво треба да почнете преговори па да ви биде извесно членството.
– Ги знаете копенхашките критериуми и ние не ги исполнуваме, со оваа Влада нема шанса да одиме во ЕУ, рече Сиљановска.
Според Пендаровски од Берлин сите инфомации се позитивни дека Македонија заради она што го направи во јуни ќе добие почеток на преговори и оти и Меркел и Макрон ја издвоија Македонија како пример и исклучок во регионот.
На прашањето која држава прва ќе ја посетат ако бидат избрани за претседател и двајцата го избраа Брисел како прва дестинација.
-Не сакам однапред да се изјаснувам, но или Брисел или некој од соседите оти добрата соработка треба да почне од првиот ред соседи, рече Пендаровски.
Сиљановска го посочи Брисел за, како што рече, да се заблагодари на поддршката на претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол и на реформираното ВМРО-ДПМНЕ или евентуално Австрија.
За тоа што би му порачале на папата Франциск кој доаѓа во посета на земјава на 7 мај, ако еден од нив биде избраниот претседетал, и двајцата оценија дека станува збор за посета од посебно значење за државата.
Пендаровски рече дека е тоа настан без преседан во нашата политичка историја во држава во која има мала бројка на католици. Очекува папата да испрати порака за толеранција меѓу луѓето од различни религии и етникуми и за солидарност.
– Франциск важи за човек од народот, обединувачка му е мисијата, духовно во поглед на односот меѓу католизицизмот и ортодоксното христијанство. Доаѓањето да се искористи во најдобра можна смисла и секаде каде што оди носи позитивна енергија мир, дава духовна сила и се навдевам дека таа ќе делува обединувачки и ќе ни донесе духовен мир, рече Сиљановска.
Во врска со пораката на претседателскиот кандидат Блерим Река за излегување на гласање за спас на евроинтеграцијата и како ја сфаќаат, Пендаровски и Сиљановска со спротивставени гледишта.
– Станува збор за достоинствена изјава на Река. Задоволен сум од изјавата и според неа тие што гласале за него сами ќе одлучуваат според своето наоѓање. Но, кога вели дека сака да ја спаси евроатлантската иднина не мисли на кандидатот кој вели дека ќе напарави ревизија на Преспанскиот договор, бидејќи без него ние нема да може да мрднеме кон евроатлантската иднина. Сигурно не мисли на кандидатот кој вели дека Законот за јазиците е неуставен. Ова се двата столба на кои почива внатрешната стабилност на државата и перспективите за ЕУ и НАТО. Јас неговата порака ја толкувам како порака до моите гласачи од првиот круг, и до оние кои останаа дома заради одредени забелешки кон работата на Владата, но во суштина се стопроцентно за наше целосно интегрирање во ЕУ и НАТО, рече Пендаровски.
За Сиљановска Река е тој кој може да даде автентично толкување, но изнендадена е вели, оти од повеќето дебати јасно прозилегувала суштинската порака на Река не само за ЕУ и НАТО, но и неговата мисла, која рече, беше жестока критика на сегашниот, според неа, авторитарен систем со елементи на тоталитарен систем.
-Тоа беше жестока критика на еден од вашите поддржувачи, на ДУИ со основната теза дека не видел ниту еден процесуиран предмет во однос на таа партија. Тој зборува за нова демократска република со квалификувани луѓе на право место, со жестока битка со корупцијата и криминалот, со непотизмот, тоа е пораката и таа ми е многу блиска, рече Сиљановска.
Пендаровски во пораката до гласачите рече дека влогот е голем и само со слоганот кој има голема содржина „заедно напред“ земјата навистина може да оди напред.
– Се друго се флоскули за право и правда кои значат само право и правдина на фамилијата која беше на власт и која не донесе до дереџе да бидеме заробена држава според ЕК, рече Пендаровски.
Сиљановска рече дека нејзиниот збор како почитуван експрет има тежина во угледни меѓународни организации и оти секогаш ќе го застапува и ќе се води од националниот интерес.
-Имам сила и план и концепт и почит да обединувам, се надевам дека сите оние кои не излегоа на претходните избори и имаа дилеми дека во разговор со мене ги надминаа дилемите и мислам дека со реторика не се оди во ЕУ. Дали ќе изберат некој кој бил во номенклатурата и не носел одлуки, или човек кој носел одлуки каде и да е и тоа ќе го прави, рече Сиљановска.