Во организација на дебарскиот Центар за одржлив развој на заедницата беше спроведена акција за чистење на плажите на брегот на Дебарско Езеро, од пластичен и друг тврд отпад.
Вакви акции, пред официјалниот почеток на летната сезона, Центарот, во соработка со други субјекти, организира единаесет години по ред.
– Дебарското Езеро и неговата околина, дебрани, секојдневно ги ползуваат за одмор и рекреација. Голем е бројот и на случајните и намерни патници, кои остануваат воодушевени од убавината на овој дел од градот, но за жал има многу кои фрлаат отпад што останува на брегот со намалувањето на нивото на езерската вода. Ова е најмалку што можеме да направме за оваа убавина која ретко кој ја има, вели Гоце Љубиновски, координатор во Центарот.
Со големиот број млади кои беа вклучени во акцијата беше и градоначалникот Хекуран Дука, кој пред почетокот на акцијата поздравувајќи ја истата, упати апел до граѓаните кои ќе престојуваат на плажите да бидат повнимателни, со цел да се зачува чистата животната средина, во овој, еден од најубавите делови на градот.
Акцијата беше спроведена во соработка со локалната власт, хидроелектраната „Шпиље“ и Јавното комунално претпријатие „Стандард“.
Од брегот на езерото собрани беа околу 400 вреќи со пластичен и друг тврд отпад, кој е транспортиран до градската депонија.
Инаку, на брегот на езерото, во летниот период дневно се релаксираат и до 2.000 капачи и спортски риболовци а за време на викендите бројката е многу поголема, посебно во јули и август кога во родниот крај престојуваат над десет илјади печалбари.