Здружението за спортски риболов „Мрена” денеска изврши порибување на Крива Река со педесет и еден килограм македонска пастрмка.

На порибувањето, што се изврши на неколку локации во централното градско подрачје на Крива Паланка, присуствуваа министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, градоначалникот на општината Борјанчо Мицевски, раководството на „Мрена” и членови- риболовци.

– Ова е редовно годишно порибување на Крива Река, риболовен ревир „Крива Река 1″ што го опфаќа течението на реката од изворот до вливот со Кратовска Река, вклучувајќи ги и притоките. Порибувањето е дел од обврската на здружението за 2018 година, согласно обврските кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ги имаме како концесионер на овој риболовен ревир, изјави Зоран Стоилковски, претседател на ЗСР „Мрена” – Крива Паланка.

Набавката на пастрмка е извршена преку Институтот за сточарство, а порибувањето се изврши во присуство на надлежен земјоделски инспектор од подрачната единица на Инспекторатот за земјоделство, шумарство и водостопанство од Крива Паланка.

– Порибувањето за 2017 година беше спроведено кон крајот на минатата година, а нашето здружение од 2014 година редовно врши порибување на „Крива Река 1″ согласно договорот за концесионерство.Секоја година во водите на реката се пуштаат 51 килограм подмладок на македонска пастрмка што опфаќа околу 4.500 до 5.000 единки риба со тежина од околу седум до десет грама, додаде Стоилковски.