Во Куманово навреме почна гласањето на сите 167 избирачки места, информираа од ОИК. Утринава, како што рече Ајрула Ќерими, заменик претседател на ОИК Куманово, точно во седум часот без никакви проблеми стартуваше вториот круг од шестите претседателски избори на Република Македонија.

Право на глас денеска имаат 92.839 граѓани на Општина Куманово, вклучително со 134 лица кои правото на глас го остварија вчера како затвореници или болни и изнемоштени лица.

Во 7 часот, изборниот процес почна и на сите 36 избирачки места во Општина Липково, каде право на глас имаат 25.363 граѓани, информираше претседателот на ОИК Липково, Лирим Јашари.

И во Општина Старо Нагоричане, сите избирачки места се отворени навремено. Таму право на глас имаат 3.333 жители, гласаат на 38 избирачки места.

Вчера правото на глас го оствариле осум болни и немоќни, информираше претседателот на општинската изборна комисија во Старо Нагоричане , Драган Јовановски.