Министерството за внатрешни работи попладнево информира за евидентирани нерегуларности на неколку места во врска со гласањето на вториот круг од претседателските избори.

Според МВР, позади основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, надвор од гласачкото место, пронајдени се околу 10 летоци со содржина во врска со претседателските избори. И на улицата „Коста Новаковиќ“ во две згради, од страна на граѓани е пријавено дека има расфрлени летоци со содржина во врска со претседателските избори.

Во 12:30 часот од Општинската изборна комисија на гласачко место број 0764 во село Другово, Кичево е пријавено дека Ј.Ј. со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Лицето е повикано во ПС ОН Кичево и е известен јавен обвинител.

Во 14:30 часот, од страна на заменик претседател на Избирачкиот одбор на гласачко место број 2666, во Основното училиште „Златан Сремац“, на подрачје на ПС ОН Кисела Вода, пријавено е дека В.Ч. (31) од Скопје од ходникот со мобилен телефон го сликал избирачкиот одбор. Од страна на полициски службеници лицето е задржано и во ПС за натамошна постапка.

Во ПС ОН Кочани, С.С. телефонски пријавил дека во близина на гласачките места број 875 и 876 во село Чешиново, Кочани, неовластено се задржувале неколку лица. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и не се потврдени наводите од пријавата.

Од страна на општинскиот огранок на политичка партија од Чешиново-Облешево во писмена форма е пријавено дека две лица од село Облешево со патничко возило вршеле агитација во село Облешево. Од страна на полицискки службеници излезено е на местото на настанот и не се потврдени наводите од пријавата.


Администратор
05/05/2019 16:58