Локалната библиотека по повод 116-годишнината од смртта на Гоце Делчев и свој патрон празник денеска традиционално им ги додели признанијата на најредовните читатели. Во тие рамки беше отворена и изложба на портрети на Гоце Делчев од академскиот сликар Ангел Петров.
Благодарници за најредовни во одделот за возрасни за 2018 година добија Савка Андова, Панче Зафиров и Фотија Поп Златанова. Во одделот за деца за најчитатели се прогласени Даниела Иванова, Ива Андоновска и Петар Наумовски. За најмлад читател е прогласен седумгодишниот Иван Ѓошев,а за највозрасна 85-годишната Марија Ивановска.
Орце Маневски беше прогласен за најчитател во одделот за печат. За добрата соработка благодарници добија повеќе институции, здруженија и училишта од градот, од медиумите дописникот на МИА, Антоанела Димитриевска, а за најавтор е прогласен Трајче Кацаров за книгата „Не паркирај гаража“.
Како што изјави директорот Игор Крајчев, локалната библиотека како во годините наназад така и во изминатата година била стожер на културите настани во градот. Библиотеката е организатор на 40 настани и над 20 промоции на книги од македонски и странски автори, а посебно на велешките автори.
– Горди сме што зад нас е уште една успешна година, а за нашето успешно работење најзаслужни се нашите читатели чиј број од година во година расте на што сме им посебно благодарни. Затоа и ние како градска библиотека секогаш изнаоѓаме начин да ги задоволиме нивните читателски барања со најнови домашни и светски бетселери кои редовно ги набавуваме,потенцира Крајчев.
Во чест на прославата на патронот на библиотеката „Гоце Делчев“ Фондацијата „Ангел Петров“ во медиотеката на библиотеката изложи и 17 портрети на Гоце Делчев, работени во масло, пастел, акрил, молив и комбинирана техника.
Како што појасни Светлана Петрова, директор на Фондацијата, поради малиот простор тука се изложени 17 од вкупно 50-тина портрети колку што содржи оваа колекција со портерти на револуционерот Гоце Делчев.