Во присуство на верници од повеќе градови од државава, некогашни жители на селото и нивни потомци, кои и покрај дождливото време беа во голем број одбележан е празникот Свети Великомаченик Георгиј, патрон на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.
Со денешната света архиерејска литургија,чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј заедно со анхимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манасатир, во сослужение со Бигорското братство и сестринството од манастирот во Рајчица.
На одбележувањето на патронот по традиција присуствуваа голем број верници од Битола, Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Струмица но и дебрани.
На синоќешната вечерна богослужба,на која прсуствуваа околу илјада верници а со која чиноначалствуваше митрополит дебарско-кичевски,неговото Вископреосвештенство, г. Тимотеј, сестрите Филотеја, Фотина и Христина ги положија монашките завети и беа причислен кон монашкиот собор. Во манастирот сега има 11 монахињи.
Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.
Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.
Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј (со братството), манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство.
Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.
Уште истата година во Солун е изработено сребрено кофчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение.За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црквиче.
„Свети Ѓорѓи Победоносец“ е еден од најубавите македонски манастири,зашто ако има место каде што природата ги дарувала сите убавини, тоа, секако е селото Рајчица,што потсетува на рај,каде се извишува манастирот. Чистиот воздух и погледот врз ширта на Дебарското Езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот манастир кој, некогаш поради неговата убавина го нарекувале и „Дворецот на Свети Георгиј“, а денес поради белата фасада „Снежна кралица”.