Со активни тренинзи двапати во неделата, делчевските пензионери интензивно се подготвуваат за Регионалните пензионерски игри, кои на почетокот на идниот месец ќе се одржат во Берово.
Пензионерот Киро Даневски е еден од најредовните учесници на игрите, а најсилна дисциплина му е тегнењето јаже, дисциплина од која и годинава очекува позитивен резултат.
-Активни сме, двапати во неделата доаѓаме овде во паркот каде се одвиваат тренинзите. Се надеваме дека и годинава добро ќе се претставиме. Покрај тегнење јаже, имаме екипи и во стрелање, трчање, фрлање ѓуле и други дисциплини, во кои сме меѓу најдобрите во регионот, вели Даневски. Освен за спорт, слободното време како што додава Даневски, пензионерите го користат и за други активности во новите простории на здружението.
-Многу сме задоволни од условите бидејки е реновирана зградата, просторијата е нова и секој ден се собираме тука. Најчесто играме шах, пинг понг, билјард, карти и го користиме времето и за заедничка дружба, додава Даневски.
Делчевското здружение брои околу 3.200 пензионери, од кои околу стотина, се уште активно учествуваат во сите спортски активности кои ги организира здружението.