Тетовско-гостиварската епархија при Македонската православна црква информира дека вчера во селото Милетино е поставен камен темелник за изградба на нова црква која ќе го носи името на светецот „Свети Георгиј Победоносец".

Осветувањето на камен темелникот и означувањето на почетокот на градежните работи го изврши митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, со свештеници од Тетовското архиерејско намесништво.

– Овој Ѓурѓовден светло ќе биде запишан во поновата историја на селото, бидејќи и нема посвета работа од тоа да се изгради храм на Господа. Со осветувањето на темелите на овој храм, кој ќе биде посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, сите Вие заедно започнувате едно духовно патување, имате пред себе една цел и имаме сите заедно, заеднички подвиг – да го изградиме овој храм и да го осветиме за да тој биде наше прибежиште, место, кое ќе не обединува и сплотува пред Бога, порача владиката Јосиф.

Средствата за градење на црквата ќе се обезбедат преку тетовската епархија и парохијата во Милетино, како и од донации на верници.