Идејата на поголема група ентузијасти од Кичево за порибување на Осломејското Езеро денеска се реализираше со пуштање на 500 килограми крап со поединечна тежина од 70 грама до 1,5 килограм.

– Нашата идеја и желба да го порибиме Осломејското Езеро ја реализиравме. За да ја реализираме оваа идеја на доброволна база собравме околу 90 илјади денари и набавивме 500 килограми крап со тежина од 70 грама до 1,5 килограм по парче. Рибата за ова второ порибување ја набавивме од рибникот и мрестилиште „Акватика“ од Неготино, рече Бесмир Елези, еден од иницијаторите за оваа идеја. Елези вели дека нивните очекувања се дека во езерото ќе се зголеми количеството риба и дека тоа во блиска иднина ќе стане посакувана дестинација за голем број риболовци, како од Кичево така и од соседните градови. – Морам да изразам голема благодарност и до државниот секретар во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство Нефруз Челику, кој ни обезбеди дополнително количество риби за порибување односно 100 килограми и така езерото ќе стане попривлечно за сите љубители на убавата природа, рече Бесмир Елези, еден од иницијаторите за оваа идеја. Рибарите изразија задоволство што на овој начин е збогатен рибниот фонд на езерото, кое со својата големина и длабочина од над 50 метри е се уште неоткриена убавина во земјава.