Заврши асфалтирњето на дел од локалниот пат во кривопаланечкото село Трново во должина од петстотини метри, а во тек е асфалтирање на патот кон селското подрачно училиште.

Во текот на денот градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски изврши увид во завршните активности за асфалтирање на овој локален пат што, како што истакна, е чекор поблиску кон подобрување на квалитетот и условите за живот на населението од овој регион.

– Со овие градежни активности што општина Крива Паланка интензивно ги спороведува на терен се олеснува пристапот на локалното население до нивните приватни домови и имоти, а исто така се олеснува и пристапот до туристичко-сместувачкиот објект во селото Трново, кој е во сопственост на општината, а е даден на управување на Здружението на воени инвалиди. Ова здружение своите активности ги фокусираше во насока на искористување на природните реткости и убавини и развој на алтернативните форми на туризам во општина Крива Паланка, информира службата за комуникација со јавност при општината.

Изведувач на градежните работи за асфалтирање на локални патишта е фирмата „Стоименов“ ДООЕЛ, Кочани.

Тековно, во општината се работи и на асфалтирање на делница од патот во селото Конопница, на потегот кај црквата и место викано „Спас”.