Ракотворби кои говорат за традицијата изработени од пензионери-хуманисти од клубот „Анри Динан“ при Општинската организација на Црвен крст од Неготино, денеска беа претставени во Музејот во Неготино. Изложбата ќе биде поставена до 14 мај.

Директорката Драгица Чекорова, информираше дека со овој настан се одбележа 8 Мај, Светскиот ден на Црвениот крст и црвената полумесечина.

Секретарот на Црвениот крст од Неготино, Тоше Настов рече дека движењето обезбедува воспоставување на семејни врски, психолошка и финансиска поддршка на сeмејствата во кои има исчезнати лица како резултат на конфликти, катастрофи или кризи. Движењето одговара на потребите за неопходна вода и санитарни потреби во време на кризи и обезбедува итна помош и интервенции за спасување.

Свој придонес кон збогатување на програмата дадоа учениците од 9 одделение при ООУ „Гоце Делчев“ од Неготино со лични творби на тема „Хуманост“ и учениците од ООМУ „Владо Арсовски“ од Неготино со музички изведби.

Светскиот ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина се одбележува во чест на основоположникот на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина Анри Динан, кој е роден токму на 8 мај 1828 година, во Женева, Швајцарија. Во 1901 година ја добил првата Нобелова награда за мир.