Со пригодна свеченост денеска во Охрид беше одбележан 9 мај – Денот на годишнината од победата над фашизмот и Ден на Европската унија.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во обраќањето пред присутните ја посочи желбата и искрената надеж дека посветената искрена работа во реформите вродува со плод, односно оти Република Македонија наскоро ќе биде рамноправен член на европското семејство.
– Охрид како град кој низ минатото и сега е крстосница на цивилизациите и столб на вредностите врз кои е изградена ЕУ е вистинското место од каде можеме уште еднаш да го испратиме повикот за зачувување и негување на општочовечките и хуманистичките принципи. Ние сме се чувствувале и се чувствуваме како дел од Европа каде и природно припаѓаме. На пречките кои во минатото се поставуваа како проблем се посветивме и изнајдовме решение. Станавме држава која со соочувањето со предизвиците и постигнувањето на зацртаните цели станавме пример за останатите, рече Георгиески.
Тој истакна дека се работи на реформите и се вградуваат европските стандарди, што дава за право да се реагира за забрзување на процесот кон европските интеграции, а одбележувањето на Денот на ЕУ дава чувство дека сме чекор поблиску до европското семејство.
– Се надевам дека токму Охрид ќе биде меѓу првите општини што ќе ги почувствува благодетите и бенифитите од зачленувањето во ЕУ, рече тој забележувајќи дека победата над фашизмот треба да биде водилката во пребродувањето на пречките на патот кон Европа.