Дворот на дебарската гимназија „28 Ноември“ од денеска го разубавува мозаик што учениците го нарекоа „Обединети во Европа“.

– Ова убаво катче го направија нашите ученици во чест на 9 мај-Денот на Европа. Размислувајќи што би направиле во чест на Денот, а што би останало и понатаму во нашиот двор, се договоривме да изработиме мозаик од цвеќиња и бои и стои напишано „9 мај“. Во неговата изработка учествуваа ученици од сите етнички заедници, онака како што секојдневно другаруваат во гимназијата, изјави за МИА, Арта Каба-Горенца, професор по ликовно воспитување.

Учениците кои учествуваа со ликовни творби на изложбата по повод Денот на Европа, оптимисти се дека набрзо нашата земја ќе стане дел од европското семејство.

Додека учениците работеа на мозаикот, кусо, колку што му дозволуваа обврските, со нив беше и градоначалникот Хекуран Дука, кој кажа пофални зборови за идејата.

Во организација на локалната власт, а во соработка со образовните институции, Денот на Европа во Дебар беше одбележан со повеќе активности.