– Членовите на Здружението „Совест“, кои се противат на противправната реконструкција на Алипашината џамија во Охрид, денеска повторно побараа од државните институции да постапат согласно законите и да спречат, како што беше истакнато, „газење на достоинството на граѓаните“.

Во обраќањето упатено директно до премиерот Зоран Заев тие потсетија дека три години откако „Совест“ го отвори прашањето околу реставрацијата на џамијата продолжува нелегалната изградба на триесетметарското минаре.

– Работевме легално со барање институциите да ја завршат нивната работа. За жал доцна сфативме дека проблемот не е во неспособноста на институциите, туку во замешаноста на политиката. Дури и протестот го откажавме се со цел мирно да минат изборите. И додека очекувавме разврска, се прошири веста дека сме се испазариле работите да продолжат. Смешно, жално и срамно, рече Михаил Трендафилов Нанче, кој нагласи дека поради неговата лична наивност поднесува оставка од функцијата претседател на „Совест“.

Тој истакна дека во услови кога СДСМ има апсолутна власт во земјата од претседател, преку премиер до градоначалник, албанскиот фактор вее знамиња низ градот и на Самуиловата тврдина, ИВЗ го нарекува див македонскиот народ без идентитет, а минарето продолжува да се гради, власта во име на некаков мир не презема ништо.

– На средбата кај Вас Ви поверувавме дека лично ќе се заземете, за што бевме жестоко критикувани. Работите на минарето продолжуваат. Бараме итна ефектна одлука од Ваша страна и да не се дозволи газење на нашето достоинство, рече Нанче.

Тој појасни дека нивните натамошни активности ќе зависат од мерките што ќе бидат спроведени од власта и институциите.