Да не беше Блаже Конески и неговиот влог, прашање е за каков јазик ќе зборувавме денес. Востановувањето на 5 мај, денот на македонскиот јазик е битно да се чествува и пред родната куќа на неговиот основоположник – великанот Блаже Конески, беше посочено денеска во Небрегово во спомен домот на Конески каде се чествуваше Денот на македонскиот јазик и беше промовирана најновата книга со предавања на Конески „Поглед во минатото“ на професорот Људмил Спасов.
Според професор доктор Људмил Спасов, автор на книгата и претседател на Советот за македонски јазик, книгата има предавања на Конески и возбуда е да се промовира во неговата ропдна куќа.
-Станува збор за историјата на македонскиот јазики. Во книгата се дел од предавањата на Блаже Конески. Јас како наследник на предметите што ги предаваше Конески многу сакав, токму во родната куќа на Конески, едноставно, на духот на Конески, да му покажам дека има книга од неговите предавања пред студентите, дека го одржуваме неговиот предмет и се надевам и во иднина. И не само што ќе го поддржиме споменот за Конески, туку и ќе го развиеме, бидејќи Конески е еден од столбовите, вградени во македонската култура. Пораката е да го чуваме и да го чествуваме македонскиот јазик и 5 мај да го користиме како ден кога ќе оддадеме почит, особено во основните, во средните училишта и на факултетите каде ќе се потсетиме дека сме македонци и дека со македонскиот јазик се служат не само Македонците, туку и државјаните на Македонија, а и пошироко од границите, рече Спасов.
Почнат е процесот на зачувување и на развивање на македонскиот јазик, смета професор д-р Елена Јованова Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик од Скопје. Таа предлага да се зголеми фондот на часови во училиштата.
-Институтот има голема поддршка од Советот за македонски јазик конечно да добиеме опрема во инситутот, да вработиме нов кадар, зашто за 20 години има само едно вработување.Оттука почнува грижата за македонскиот јазик. инсистираме, колегите кои завршиле македонски јазик да бидат примени како лектори. Веќе почна, зашто имаше еден бран примени лектори по медиумите и во министерствата, но таа мисија не е завршена. Потребно е да се обноват лекторатите во светот, а секако тука ссе и училиштата. Мојот предлог е дека треба да се зголеми фондот на часови по македонски јазик во училиштатата, дури и да се одвојат предметите по македонски јазик и литература како што е во многу земји во светот за на децата од најмала возраст да им се обрне да го усвојат македонскиот јазик, а не прво да одат на курсеви по странски јазици, па на крајот да покажат подобри резултати по странски, а не по мајчин јазик. А за да се запишуваат повеќе студенти на катедрата за мајчин јазик, потребни се вработувања, изјави Јованова Грујовска.
Книгата на професор Спасов ја промовираше професор д-р Лидија Аризанкоска, филолошки факултет „Блаже Конески“ од Скопје, нагласувајќи дека потребна е соработка на институциите за зголемување на интересот за студирање на македонскиот јазик.
-Во книгата станува збор за избрани поглавја од историјата на македонскиот писмен јазик. Добар дел се авторски трудови, но и добар дел од трудовите е автор самиот Блаже Конески. За зголемување на интересот за студирање на македонскиот јазик потребна е комплетна соработка на инситутуциите: Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, со институциите на власта. Се обидуваме да дадеме нови програми кои ќе им дадат нови можности на студентите, а секако и на отворање работни места каде ќе може да се понуди трудот и останува да видиме како тоа ќе го решат институциите на државата, рече Аризанкоска.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, многу е битно востановувањето на 5 мај за ден на македонскиот јазик, особено да с ечествува во родната куќа на Конески.
-Чест е да се биде во родната куќа на Блаже Конески да се одбележи денот на македонскиот јазик. Ова е прва година на ваква прослава и сум убеден дека долго овој ден ќе се прославува, рече Јованоски.
Според водичот на спомен домот на Конески во Небрегово, Миле Спиркоски неопходно е посетата на родната куќа на основоположникот на македонскиот јазик, Конески, да биде дел од ученичките екскурзии на основците и средношколците. Спомен домот на Конески во ебрегово неодамна беше обновен со нов покрив, а е отворен во август 2005 година.