Со завршната презентација на резултатите од истражувањата и работата на учесниците на пролетната школа „Етнографија на социјализмот”, што се одржа во Градскиот музеј – Крива Паланка беше заокружено годинашното издание на школата.

Пролетната школа се реализираше во манастирот „Св. Јоаким Осоговски” од почетокот на месецот до денеска, во организација на Институтот за етнологија и антропологија, Скопје.

-Оваа школа има цел да разработува теми и проблематики од сферата на општественото, економско, политичко и воопшто, на културното живеење во периодот на социјализмот во СФРЈ низ компаративен пристап со останатиот дел од социјалистичките земји со цел студентите да се стекнат со знаења и практични истражувачки и применливи вештини за подобро разбирање на социјалистичкиот општествен систем и општествено-политичките системи во современоста. Приодот на школата е компаративен и овозможува согледување на сличностите и различностите на социјалистичките варијанти во регионот и пошироко, рече професор Љупчо Ристески од Институтот.

На годинашната школа учествуваа десетина студенти од државава и од Романија, Словенија, Словачка и Бугарија, а предавачи беа професори од институот за етнологија и антропологија Скопје и од Бугарија.

Во рамки на работењето на школата студентите спровеле полуструктурирани интервјуа со триесетина лица од општина Крива Паланка, на возраст над педесет години, кои ја живееле добата на социјализмот. Главно, според анализите, заклучоците се дека сите го претставиле во позитивно светло периодот на социјализмот, со акцент на братството и единството, како истакната вредност на тогашното живеење што според испитаниците, денеска не е толку видливо.

-Студентите поентираа во заклучоците по однос на истражувањата дека Југославија во социјализмот била силна економски, но и независна, со силна армија, кон чија припадност се говори се уште со пиетет. И Крива Паланка во тоа време била силна, со големи индустриски капацитети кои вработувале илјадници луѓе, а дополнително придонесувале кон миграцијата село-град. Денешната перспектива за совремието , пак, е разочарувачка и неизвесна, со бројни иселени млади лица, најмногу со бугарски пасоши, а преовладува со скепса кон евроинтеграциите и страв дека влезот во ЕУ дополнително ќе ги олесни емигрантските рути на младите и ќе одлее уште повеќе луѓе од тука кон европските држави, додаде Ристески.

Во текот на пролетната школа „Етнографија на социјализмот” организирани се три курса низ кои се обработени специфични тематики од социјализмот, со еден курс посветен на теориско-методолошките пристапи во проучувањето на социјализмот со реализација на теренска истражувачка работа за учесниците, теренско истражување во период од седум дена со завршно презентирање на резултатите, како и придружни факултативни активности од сферата на културното наследство на социјализмот: музика, филм, театар и друго.

Локалната установа Градски музеј Крива Паланка како традиционален соработник на Институтот редовно помага логистички во реализација на школата.