Илјадници маскирани деца, ученици, продефилираа на денешниот маскенбал „Батко Ѓорѓија“ кој се одржа на градскиот плоштад во Куманово. Манифестацијата се одржува по 17-ти пат, во организација на секторот за култура при локалната самоуправа на општината и Фондацијата за развој на кулутрата и спортот од Куманово.

Учествуваа ученици од шест објекти на градинката „Ангел Шајче“, од шеснаесет основни и пет средни училишта од градот кои се претставија со групни и индивидуални маски, како и гости од Струмичкиот карневал кои настапија во ревијалниот дел. Манифестацијата ја отвори кумановскиот градоначалник.

– Сакам од овде да најавам, бидејќи ова е 17-ти традиционален маскенбал, на 20-тиот Куманово имаме намера да го воведеме на листата на градови кои што органзираат карневал, така што ќе мораме да научиме и ние граѓаните на Куманово поактивно да го празнуваме овој ден бидејќи маската има за цел да не орасположи, да внесе живот, радост и смеа во секој дом, рече Димитриевски.

Жири комисија додели награди за најдобрите учесници на ниво на градинки, основни и средни училишта, но и во поединечна конкуренција.

Организаторите истакнаа дека интенциите се манифестацијата да прерасне во карневал кој ќе влезе и во Меѓунаредоната фестивалска програма, со цел да се етаблира во и надвор од државата.