Над 700 македонски планинари и гости од Грција, Бугарија и Србија денеска се поклонија и положија цвеќе на „Димев Врв“ и спомен-бистата на Димитар Илиевски-Мурато на планинарскиот дом „Копанки“ на планината Баба.
Организаторот, ПСК „Пелистер“-Битола, информира дека јубилејниот 30-ти планинарски марш годинава беше исполнет со многу емоции, пркос и восхит за големиот подвиг на Мурато, вечен член на Планинарско спортското друштво „Пелистер“-Битола.
-Маршот се одвиваше забрзано…како да сакавме час поскоро да стигнеме на „Димев Врв“ и на „Копанки“. Програмата ја исполнивме во целост затоа што и учесниците од првата група кои се движеа од Големо Езеро, преку Мало Езеро, Партизански Врв и Широко Стапало предвреме стигнаа до врвот Пелистер, но и втората група планинари која се движеше од Палиснопје и Ловечка Куќа предвреме стигна на 2.601 метар, до врвот Пелистер. Се потсетивме на 10 мај 1989 година, на големиот подвиг на Диме како вечен член врежан историската книга на ПСК „Пелистер“-Битола, но и на нашата држава која се гордее до првиот Македонец што го освои Еверест. И овој пат имаше порој од емоции, а ги совладавме благодарение на пораките од синовите на Димитар Илиевски-Мурато, истакна Петар Нолев, член на ПСК „Пелистер“-Битола.
Учесниците на јубилејниот планинарски марш од организаторот добија амблем со ликот на Димитар Илиевски-Мурато и спомен-печат од маршот.