Можности за финансирање инфраструктурни проекти и соработка во областа на културата беа дел од темите на кои се разговараше денеска на средбата на амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Томан, со крушевскиот градоначалник Томе Христоски при посетата на амбасадорот на Крушево.

Како што информираат од крушевската локална самоуправа, на средбата се разговарало за можностите за финансирање инфраструктурни проекти кои Чешката амбасада ги нуди, но и за соработката во областа на културата помеѓу Општина Крушево и Амбасадата во иднина.

-Амбасадата на Чешката Република нуди неколку можности кои како општина можеме да ги искористиме. Имаме изработено околу 30 проекти и се надеваме дека некој од нив ќе се најде на приоритетната листа на финансирањето на Амбасадата. Со амбасадорот Томан се знаеме од порано, односно од бизнис-форумот во организација на Чешката амбасада кога ги воспоставивме првите контакти и се надеваме дека и од тоа ќе произлезат позитивни нешта за приватниот сектор во Крушево, изјави по средбата крушевскиот градоначалник Христоски.