Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица-Штип (ТППЕ) почнаа со одбележување на Деновите на пожарникарството. Командирот на ТППЕ-Штип, Тони Атанасов вели дека со тактичко показни вежби и презентирање на опремата пред учениците од основните и средни училишта ги одбележуваат овие денови.
-Денеска сме во Општинско основно училиште „Тошо Арсов“, каде што на учениците од 9 до 11 часот им покажуваме, како се справуваме со огнените стихии. Наредните денови ќе ги посетиме и останатите основни училишта, а на 20 мај на Денот на пожарникарите, ваква вежба ќе имаме во Средното медицинско училиште „Јане Сандански“, вели Атанасов.
Тој забележа дека годинава одлучиле тие да ги посетат учениците, за разлика од лани кога учениците од сите училишта биле во посета на противпожарниот дом. ТППЕ-Штип има 35 пожарникари, дел од опремата им е стара, а дел нова, имаат пет противпожарни возила и еден џип, сите се во функција, но како што вели Атанасов потребно е да се обноват во догледно време. Добиле ветување од градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски дека наскоро од буџетот на општината ќе се набават нови униформи, кои пожарникарите ги користат секојдневно.
Атанасов истакна дека во тековниот месец интервенции имаат на запалени возила и оџаци, додека пожари на отворено немаат, за разлика од претходните месеци, кога дневно имаа и по неколку интервенции, бидејќи се палеа стрништата за подготовка на пролетната сеидба.