ЈЗУ Општа болница Велес од македонско-германското здружение „Киндер Хилфе“ доби медицинска опрема: гасен анализатор, ехо апарат, пулс оксиметар, инхалатори за деца и подвижно ЦТГ.
Како што вели за МИА Божидар Бојаџиев, директор на ЈЗУ Општа Болница со овие апарати ќе се подобрат услугите на болницата кон пациентите. Гасниот анализатор е веќе ставен во функција во Лабораторијата на болницата, а Ехо апаратот во амбулантата на Интерното одделение.
Бојаџиев информира дека вчера на претставниците на здружението „Киндер хилфе“ кои ја посетиле болницата им доделил благодарница за донацијата. Тие му искажале благодарност што можеле да помогнат за пациентите, а воедно најавиле и продолжување на соработката.
Како што ни појасни др. Васил Тодоров, началник на Лабораторијата, апаратот гасен анализатор што им недостигал во лабораторијата 15-на години е многу посовршен од стариот, дотраен, што одамна бил исфрлен од употреба.
-Тој е многу важен за обработка на крвта на хоспитализирани, критично болни пациенти, хоспитализира во Интензивна нега на Интерно, Нервно и Одделението за Хирургија, а служи за испитување на ПХ во крвта, парцијален притисок на CO2 и O2, лактати, глукоза, натриум, калиум и јонски калциум, а добивме и кертриџи за едногодишна работа, појасни др. Тодоров.
Еко апаратот од марката „сименс“ е исто така ставен во функција во амбулантата на Интерно, а работи со четири сонди. Има абдоминална сонда, кардиолошка сонда, сонда за доплер.
– Може да ги извршува сите дејности што се во ехото, во дијагностиката и со него веќе работиме со пациентите, појаснуваат од Интерното одделение при Велешката болница.