Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука во својот кабинет ги прими најуспешните дебарски каратисти, членови на Карате клубот „Уранику“, предводени од нивниот тренер Дурим Пачуку.

Кај градоначалникот беа Рион Пашоли и Сара Дука кои се закитија со златени медали, како и Вениса Думани и Азиз Рамадани кои освоија сребрени медали на Државното карате првенство, што на 4 мај се одржа во Кавадарци.

Со постигнатиот успех тие се здобија со правото да бидат дел од македонската карате репрезентација на Балканското првенство што ќе се одржи во Бања Лука, Босна и Херцеговина, од 30 мај до 3 јуни.

Со нив беше и најдобриот член на КК „Уранику“ Ардит Марку, кој утре патува за Истанбул, Турција, како дел од македонската карате репрезентација, откако на Балканското првенство минатата година го освои третото место.

-Таму ќе се одржи SERIE A што овозможува собирање поени за Олимписките игри во Токио 2020 година. Наша цел е да имаме што повеќе победи за да можеме да ги обезбедиме потребните поени кои ќе бидат „виза“ за учество на Олимписките игри, објасни на средбата тренерот Пачуку.

Градоначалникот Дука им го честиташе големиот, последовател успех, а на Марку му посака да му се оствари олимпискиот сон.

-Се чувствувам горд за постигнатиот успех и достоинственото претставување на нашиот град на сите натпреварувања, од каде се враќате со медали. Ви го честитам успехот и само така продолжете. Моја желба е Ардит да ги обезбеди потребните поени и да учествува на Олимпските игри и секако да постигне успех, рече Дука.

Тој искажа подготвеност за соработка и вети поддршка во рамки на можностите на општината. вт/вј/