Три штипски локални институции ќе штедат електрична енергија со помош на фотоволтаици. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција истакна дека веќе се инсталирани фотоволтаици на зградите на Противпожарниот дом, филтер станицата и на Општинското основно училиште „Ванчо Прќе"
Тој забележа дека овие фотоволтаици се со цел заштеда на електрична енергија во овие институции со што се овозможува заштедените средства да ги инвестираат во дополнителна опрема за подобро функционирање.
-Се работи за фотоволтаици што ќе прават заштеди на електрична енергија на годиштно ниво од 420.000 денари за сите овие три објекти.Оваа инвестиција е 40.000 евра за поставување на фотоволтаиците на сите три објекти заедно со сите пропратни елементи, рече Бочварски.
Командирот на Територијалната противпожарна единица-Штип, Тони Атанасов вели дека објектот е веќе приклучен на фотоволтаиците, а на наредната сметка за електрична енергија ќе видат колкава е заштедата. Инаку заштедените средства, конкретно за Противожарниот дом ќе се инвестираат во нови униформи за 35 пожарникари.
Фотоволтаиците се обезбедени преку Владата на Република Северна Македонија, а станува збор за неповратни грантови од Европската унија. Бочварски истакна дека ваквите инвестиции се важни за развојот на општините и на државата и затоа Општина Штип ќе работи партнерски и ќе биде отворена за соработка со сите институции.