Најдобрите 10 матуранти од гимназијата „Методи Митевски – Брицо" од Делчево и годинава ќе добијат наградно патување низ Европа. Патувањето ќе трае 14 дена, а ќе одат на ексклузивни туристички места во Шпанија и Италија.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски информираше дека средствата за наградното патување од околу 300.000 денари се обезбедени од буџетот на Општината.
– Доделувањето на оваа награда е со цел да се поттикнат учениците да постигнуваат одлични резултати во текот на нивното школување, но и да останат да се школуваат во делчевскиот средношколски центар, бидејќи и овде можат да се стекнат со солидни знаења, рече Трајковски.
Постапката за избор на десетте најдобри ученици-матуранти ја спроведе соодветна Комисија од СОУ„М.М.Брицо" Делчево, согласно критериумите од Правилникот со кој се уредува начинот, условите и критериумите за постапката за доделување награди и признанија на Општина Делчево.
Наградите на десетте најдобри ученици од Делчево ќе им бидат доделени на нивната матурска вечер.
За ученик на генерацијата во ова училиште годинава е одбрана ученичката Мелани Марковска.