Кочанските пожарникари излегоа со јавно барање да се склучи меѓуопштински договор со кој освен Кочани, и локалните самоуправи на Зрновци и Чешиново-Облешево процентуално ќе учествуваат во финансирањето на Територијалната противпожарна единица.

Потпишувањето на договорот се најавува веќе неколку години, но постојано се одложува без образложение, а трошоците за опремувањето на единицата и за интервенциите на пожарникарите се покриваат само од буџетот на општина Кочани.

– Последното образложение беше дека ќе се чека да заврши изборниот процес за да нема законски пречки, па сметаме дека крајно време е договорот да се потпише и двете соседни општини да помогнат во финансирањето на нашата работа. Доволна потврда за потребата од тоа е што минатата година имавме околу 340 интервенции за гаснење пожари во полињата, од кои повеќе од половината беа на територијата на општината Чешиново-Облешево. За нас тоа се дополнителни издатоци за кои немаме никаков надоместок, па наместо постојниот буџет да го намениме за набавка на опрема и вработување нови пожарникари, ние ги трошиме парите за гориво и поправка на возилата, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Годишниот буџет за работа на противпожарната единица изнесува околу 8,9 милиони денари, од што околу една четвртина е од буџетот на општина Кочани, а остатокот се дотации. Ангажирани се 17 пожарникари, односно половина од потребниот број за покривање на територијата на трите општини.

Двете соседни рурални општини, кои произлегоа од општината Кочани, се со население под минималниот праг од 10 илјади жители и немаат сопствени противпожарни единици, поради што обврската за интервенции ја презема кочанската Територијална противпожарна единица.