Од утрово Пијанец е под вода, сепак обилните врнежи засега не предизвикуваат проблем со водостојот на река Брегалница.

Како што информираше Кире Цоневски, соработник за превенција, заштита и спасување од елементарни и други непогоди при Oпштина Делчево, доколку дојде до влошување на ситуацијата, надлежните, преку свои механизми ќе ги вклучат сите расположливи ресурси за ублажување на несаканите ефекти.

– Реката Брегалница и нејзините притоки, како и другите помали водотеци на подрачјето на општина Делчево во моментот се во рамки на нормалата и не се очекува некое поголемо нарушување на количеството на проток на вода. Сепак, доколку обилните врнежи од дожд продолжат во енормни количини, ние во потполност ќе ги вклучиме сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси за справување со било каква алармантна состојба со која би се загрозиле животот, здравјето и материјалните добра на граѓаните на нашата општина, вели Цоневски.

Во насока на заштита на населението од Пијанец од поплави во текот на оваа недела се состана и Штабот за кризи и спасување, при што дел од институциите добија насоки за дејствување во случај на загрозување на состојбата како резултат на обилните врнежи.

Како четири критични точки каде веднаш би се делувало во случај на поплави, од страна на кризниот штаб се посочени локацијата над градскиот базен, завршетокот на улиците „8 Септември“ и „Крушевска“, локацијата покрај гумената брана на река Брегалница и бетонскиот мост кај сточниот пазар.