Преку промена на законите сакаме да креираме јасна законска рамка, која ќе овозможи развој и поддршка на задругарството во земјата, беше истакнато денеска на јавната дебата која се одржа во Струмица во рамки на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“, втора од вкупно пет што треба да се одржат.
Според Драган Периќ, од организацијата „CARE“ од Луксембург и Германија, проектот има четири главни цели.
– Првата е промена на законската рамка, која се однесува на развојот на земјоделските задруги. Втората е техничка и финансиска помош на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, која треба да ги застапува интересите на самите задругари, а третата цел е поврзана со промоцијата на задругарството и подигнување на свеста кај земјоделците бидејќи само заедно е подобро, како што е нашиот слоган. Четвртата, која е најважна, е техничка и финансиска поддршка, бидејќи проектот има преку еден милион евра за поддршка на осум постоечки и 12 нови земјоделски задруги, рече Периќ.
Додаде дека веќе имаат 53 апликации-19 од постоечките и 34 од групи на фармери, кои се заинтересирани да отворат нови земјоделски задруги и со тоа да се зголеми бројот на задругите.
Според Менде Ивановски, претседател на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, од порано барале промена на законите за да има подобрување во функционирањето на земјоделските задруги.
– Законите за задругарство од 2002 и од 2013 година не ги дадоа очекуваните резултати и затоа се работи на донесување нов закон. Законот е подготвен и веќе е во напредна фаза и тој го презентираме преку јавна дебата за да видиме дали е прифатлив од страна на земјоделците, рече Ивановски.
Драги Памуков од Земјоделската задруга „Веге Фреш“ од село Куклиш, смета дека законските измени и укинувањето на досегашниот закон за земјоделски задруги, кој ќе биде заменет со општ закон за задругите, ќе доведе до ситуација задругарите да не можат сами да се заштитат.
– Ќе бидеме опфатени во општ закон за задруги, а треба да бидат подготвени правилници во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за уредување на нашите права. Ние сме со став да нема укинување на постоечките законски решенија, туку да имаме само негово надградување, рече Памуков.
Во Република Македонија има 42 регистрирани земјоделски задруги, од кои 33 се членки на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, а 30 се во постапка за регистрација
Инаку, проектот е финансиран од Европската унија, а го спроведува „CARE“ и Македонската развојна фондација за претпријатија во соработка со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.